Нешто за ЉУБОВТА
34, Skopje, ΠΓΔΜ

ЉУБОВ !!! Припаѓање некому....Верност....Три работи поврзани со чувствата кон некоја личност... Вака напишани изгледаат совршено убаво и складно... Небаре се нераскинливо поврзани и прават една целина, енергија што не тера да издржиме се и сешто!.. Кога сме вљубени, мислиме дека тоа е единственото нешто поради кое вреди да се живее, тогаш сме најубави, најсилни… и најглупави !! Е, зошто вака ?.. Па добро, ајде да расчистиме од старт една работа: Кој може најлесно да се излаже?.. Вљубената жена или вљубениот маж... Кој ќе ви верува буквално се, па и тоа дека ѕвездите се дофатливи, а среќата вечна? Од малечки не учеле дека ЉУБОВТА е нешто најубаво на светот, и како што сме растеле, систематски не подготвувале безрезервно да САКАМЕ некого или некоја... Си го теравме детството безгрижно се до моментот кога срцето првпат ќе ни затропа како воен барабан, а пеперутките ќе започнат весело оро некаде долу во стомакот... И веќе од тој миг нашиот прекрасен живот веќе никогаш нема да биде ист!.. Збогум спокојство – добредојде немиру !.. И се би било барем малку, малку поподносливо ако таа состојба НЕ ЗНАМ КОЈ СУМ се случува еднаш во животот... Камо пуста среќа да беше така!.. Ќе те фати како силен ветар, ќе те треска од ќоше на ќоше, ќе го брише подот со твоето достоинство… Ама кој и да е, еднаш ќе папса, па ќе те остави на раат да се одмориш и навикнеш на неа... За беља на нас, емотивците со меки срца, според некаква статистика, се вљубуваме најмалку три пати, а најмногу икс пати во текот на животот !.. Па сега, кој си го има к’сметот, ќе си трга маки поголеми од оние на Сизиф, кој го туркал каменот по угорница и никако да го качи на врвот!

... Море, само да знам кој ја измисли прикаската за ЉУБОВ до гроба,тој сигурно не би се изнаживеал во моја близина!! Ама нема веднаш да го смачкам, прво, ќе го натерам малку да ми се вљубува, па ќе го оставам тро да пати како фикус без сонце, па ќе си цвили малку во темнина, па… абе само да го дофатам, маките ќе си ги собира како коприва со голи раце! Ама, паметен бил тој, си ја дувнал навреме и кој знае дали барем еднаш вистински сакал некоја, што се разбира, не го спречило да филозофира за вечна вљубеност и романтика...

Но, да сме на јасно – ова се однесува само на љубовта помеѓу двајца вљубени, а никако на љубовта кон се друго... Да, вљубете се - нема поубаво чувство од тоа да знаеш дека некој ти фали како кислород во градите!.. Да, давајте ја својата ЉУБОВ несебично – ако е оној вистинскиот/а, ќе знае со што треба да возврати!.. Но... Не, не верувајте кога ЉУБОВТА ви ветува вечност – оти потоа ќе ви треба една таква вечност за да ја преболите кога ќе ги снема чувствата!.. А, ги снемува, без никаква логика и смисла.

... ЉУБОВТА доаѓа и си оди... Таа си има свои закони, а ако трчате по неа никогаш нема да ја стигнете, а по некое чудо и да успеете ќе ви се лизга низ прстите како сапуница и пак ќе останете со празни раце... Но, гледајте чудо!.. Пробајте да и го свртите грбот, и таа ќе се чувствува осамена, па со сета силина ќе ВИ дотрча во пресрет, ќе ве бендисува, ќе ви се додворува како малечко маченце желно за малку внимание и нежност... И ајде после најдете и го крајот ако можете !!!

... А таа – ЉУБОВТА, ќе чека трпеливо да ми падне и на мене притисокот, да се стабилизирам и да престанам да и се лутам... Знае таа добро дека немам примено вакцина против неа, дека сум ранливa и неможам долго да оддолеам на нејзините волшебни напитоци ! И ми се насмевнува оддалеку со срамежливо покајничка насмевка небаре си оди, заминува далеку од мене... а во себеси самоуверливо ми се заканува со зборовите...

ДОГЛЕДАЊЕ, НО САМО ДО СЛЕДНАТА ПРИЛИКА !!

 
Σχόλια

Δεν υπάρχουν ακόμα σχόλια.
Πρόσθεσε ένα σχόλιο για να ξεκινήσεις τη συζήτηση!

Blog
Τα blogs ενημερώνονται κάθε 5 λεπτά